КОНКУРЕНТНОСТ

КОНКУРЕНТНОСТ – способност на фирмите, на одделни економски сектори или на економијата во целина успешно да настапуваат на странските пазари. Испитувањата и мерењата на конкурентската способност на македонската економија што ги земаат предвид различните детерминанти на конкурентната способност на економиите покажуваат незадоволителни резултати. Тие можат да се сумираат на следниов начин: (1) македонската економија покажува извозна конкурентност во четири кластери: материјали и метали, прехранбени производи и пијалаци, текстил и конфекција и донекаде производи за домаќинства и покуќнина; (2) извозните производи во кои економијата бележи извозна конкурентност се, со мали исклучоци, со низок степен на финализација и со ниска содржина на додадена вредност; (3) квалитетот на производните фактори што ја детерминираат конкурентноста е слаб, и тоа како на трудот (преку 70% од вкупниот извоз на земјата е резултат на користење на нискокфалификуван труд) така и на креираните фактори (стопанска инфраструктура, научноистражувачка инфраструктура и сл.); (4) нискиот прилив на странски директни инвестиции во земјата (в. странски директни инвестиции) исто така е доказ за слабата конкурентна способност на македонската економија. Оттука, и во Извештајот за глобалната конкурентност на Светскиот економски форум од Женева, РМ лошо котира. Според индексот на развојната конкурентност, помеѓу 103 економии, РМ е рангирана на 81 место, според индексот на квалитетот на институциите на 93 место, според индексот на технологијата на 70 место, според индексот на деловната конкурентност на 82 место и сл. Добри оценки РМ добива само за неколку индикатори: реален девизен курс (ранг 6 од 102 економии), стапка на инфлација (ранг 37 од 102 економии), број на телефони пер цапита (ранг 42 од 102 економии), отсуство на дискриминација на пазарот на трудот и слабо влијание на болеста СИДА врз водењето на бизнисот. Подигањето на конкурентната способност на македонската економија е долгорочен процес, а тој претпоставува: креирање услови за брз развој на приватниот сектор и на претприемништвото и негово партнерство со јавниот и граѓанскиот сектор, зајакнување на капацитетот на дејствувањето на институциите и на јавната администрација и осмислување политики за поддршка (поддршка, а не заштита) на конкурентни фирми. ИЗВ.: В. Узунов, Предизвикот европска интеграција и конкурентноста на македонската економија, Отворени предизвици на македонската економија, МАНУ, Скопје, 2004; Њорлд Ецономиц Форум Тхе Глобал Цомпетитивенесс Репорт 2003 –2004, Оџфорд Университѕ Пресс, 2004. ЛИТ.: В. Узунов, Стратегија и политика на креирањето на конкурентност на македонската економија, Скопје, 2001. Т. Ф. Маргита Кон-Поповска