ГЕЛЕВСКИ, Симеон Борисов (Куманово, 17. Ⅹ 1942) – правник, унив. професор. Во Скопје пристигнал како гимназијалец (1956). Веднаш по дипломирањето на Правниот факултет во Скопје (1967) бил избран за асистент по Симеон Гелевски управно право. Магистрирал на тема „Карактерот и дејството на судските пресуди во нашиот уп-равен спор“ (1975) и докторирал на тема „Положбата и улогата на управата во општествено-политичкиот систем на Југославија“ (1982) на Правниот факултет во Белград. Престојувал на компаративни научни студии на правните факултети во Гренобл-Париз, Њујорк и др. На Правниот факултет во Скопје бил редовен професор по Управно процесно право, Управно судство и Управна постапка, декан (1990-1991) и шеф на Институтот за политичкоправни науки. Како експерт за управни спорови и управно судство, бил судија на Врховниот суд (1984–1986 и 1999-2000) и претседател на Врховниот суд на Република Македонија (2000-2002). Учествувал на годишните конференции на претседателите на врховните судови во Сан Франциско, Варшава, Стразбур, Париз и др. Член е на европските асоцијации за јавна управа. Со свои реферати настапувал на голем број научни собири во земјата и странство. Автор е на универзитетски учебници за предметите што ги предавал и на околу 80 статии и други прилози. Како експерт, бил ангажиран од Владата на СРМ во изработката на Законот за државната управа (1995), Законот за управни спорови (1996) и Законот за управна постапка (1996), а учествувал и во работните групи за изработка на Законот за денационализација, Законот за антикорупција и конфликтни интереси и др. Автор е на Кодексот за етика на јавната администрација во СФРЈ. БИБ.: Поим на судската пресуда во управниот спор, Скопје, 1977; Самоуправна преобразба на југословенската управа, Скопје, 1979; Управно право, Скопје, 1997 (со коавтори); Управна постапка, Скопје, 1993; Коментар на Законот за управните спорови, Скопје, 1996; Коментар на Законот за општата управна постапка, Скопје, 1996; Управно-процесно право, Скопје, 1997 и 2003 (изменето издание); Закон за општата управна постапка со коментар, Скопје, 2005; Административно право, Скопје, 2008 (со коавтори). С. Мл. Судењето на солунските атентатори во Солун (1903)