БОШЊАЦИТЕ ВО Република Македонија – етничка заедница во Република Македонија што ја сочинува исламизирано словенско население од Босна и Херцеговина и од Србија (Санџак и Нови Пазар). Како посебен етнос (Муслимани) се признати во периодот на ФНРЈ (по 1961). На територијата на Република Македонија по Втората светска војна се населија 1.100 муслимански семејства. Тие формираа три етнички бошњачки оази во Скопско, Велешко и Прилепско. Во Скопско се населени во 11 населени места (412 бошњачки семејства), во Прилепско во 9 (251), а во Велешко во 5 населени места (442 бошњачки семејства). Најмногу Бошњаци живеат во Скопје (7.500), Велешко (2.406), Студеничани (Батинци – 1.660). Бошњачкото население во Република Македонија постепено расте. Во 1948 г. во Република Македонија имало 1.560 Бошњаци (или 0,1%), во 1961 – 3.002 (0,2%), во 1981 – 39.513 (2,1%), во 2002 – 17.018 Бошњаци (или 0,84%) од целокупното население. По признавањето на Муслиманите во Босна и Херцеговина како нација, во Македонија дел од македонското население со муслиманска вероисповед во пописот од 1981 г. се декларираа како Муслимани. Бошњачкото селско население во Република Македонија ги негува и ги пренесува своите бошњачки етничко-јазични и религиозни традиции. Бошњачкото градско население брзо се интегрира во македонското општество и станува билингвално население. За изразување на својата етничка индентичност, наместо Муслимани, го прифатија етнонимот Бошњак. Истата номинација ја користат и за јазикот што го зборуваат. Наместо хрватски или српски, Бошњаците го користат поимот босански јазик. Од вкупно 17.018 Бошњаци во РМ, речиси 8.560 го определиле босанскиот јазик како мајчин јазик. Овој јазик е присутен на државните електронски медиуми (радиото и телевизијата), во печатот (младинскиот в. „Лилјан”), а имаат и свој празник (28 септември – Ден на Бошњаците). Со етнонимот Бошњак се застапени и во Уставот на РМ. Тие активно учествуваат во политичкиот живот на Република Македонија организирани во три политички партии: Странка на демократска акција (СДА), Бошњачка демократска партија (БДП) и Демократска лига на Бошњаците (ДЛБ). ЛИТ.: Ј. Трифуновски, Бошњаци у Македонији, „Географски преглед“, Сарајево, 1961; Завод за статистика на СР Македонија. Попис на населението, домаќинствата и становите, 1981, Скопје, 1984; Завод за статистика на Р. Македонија. Попис на населението од 1994 г, Скопје, 1997; Завод за статистика на Р. Македонија. Попис на населението, домаќинставата и становите во Р. Македонија, Скопје, 2004; Д-р Стојан Киселиновски, Етничките промени во Македонија (1913-1995), Скопје, 2000; Д-р Стојан Киселиновски – д-р Ирена Ставови-Кавка, Малцинствата на Балканот (ⅩⅩ век), Скопје, 2004. Ст. Кис.