ЏЕЛАДИН-БЕГ

ЏЕЛАДИН-БЕГ (1794–1831) – управник на Охрид, син на тетовскиот паша Реџеп. Важел за справедлив управник за кого работеле и христијани. За заштитник на градот од разбојници го поставил Кузман Капидан, јунакот во „Сердарот“ од Григор Прличев. Под влијание на својата втора жена Ташула, робинка од Негушкото востание, во чие задушување учествувал, бил толерантен кон христијаните. Во 1831 г., по меѓусебните судири на моќните бегови, избегал во Египет. ЛИТ.: Е. Спространов„, Джеладин-беŸ, Сборник за народни умотворения, наука и книжина, ⅩⅣ, София, 1897; Охрид и охридско низ историјата, Ⅱ, Скопје, 1978. Др. Ѓ. „ЏЕЛАДИН ЗЕКИРИ“, Културно-уметничко друштво – Тетово – едно од најактивните културноуметнички друштва на Албанците во Македонија. Негови претседатели биле д-р Хабил Беџети, Касим Мурсела и др. Посебна активност пројавило во периодот 1980–1982 г. со гостувањата во Улцињ, Пеќ, Задар и во неколку градови на Албанија. С. Мл.