ОБЛАГОРОДУВАЊЕ НА ШУМСКИТЕ ДРВЈА

ОБЛАГОРОДУВАЊЕ НА ШУМСКИТЕ ДРВЈА – научна дисциплина што ги проучува и ги разработува принципите и методите за избор и за создавање шумски дрвја и грмушки со подобрени особини, кои со својот прираст, квалитет и естетски изглед ќе ги задоволат потребите на човекот, но и на шумското стопанство, хортикултурата, туризмот, земјоделството и на други стопански гранки. Со облагородувањето на шумските дрвја се менува нивната генетска конституција, така што подобрените генотипови и нивните популации претставуваат облагородени „културни“ хибриди или раси. Облагородувањето не е само пронаоѓање и создавање нов генотип или раса туку и нивно проучување, избор и разработка на најпогодна одгледувачка техника. Одгледувачките искуства и сознанијата од разни области на биологијата, посебно од генетиката, се појдовните основи на оваа научна дисциплина. Основните методи на облагородувањето се: селекција, хибридизација и О мутации. Со селекцијата се избираат, се конзервираат, контролирано се опрашуваат и се мултиплицираат најдобрите генотипови што ги создала природата во рам-ките на нивните популации. Селекцијата може да биде индивидуална или масовна. Хибридизацијата претставува вкрстување на индивидуи со различни наследни својства со цел да се добие хибрид со позитивна комбинација на својства. Во зависност од тоа како настанала, хибридизацијата се дели на: спонтана, супспонтана и контролирана, а во зависност од генетската сродност на индивидуите што се вкрстуваат на: внатревидова (интраспециес), меѓувидова (интерспециес) и меѓуродова (интергенус). Мутациите претставуваат промени во генетската конституција на индивидуите. Во зависност од тоа како настанале, се делат на природни (спонтани) и вештачки (индуцирани). ЛИТ.: Александар Андоноски, Генетика со облагородување на шумските видови дрвја (учебник), Скопје, 1994. Ал. Анд. Ватрослав Облак