КАБА, Лиман Јаја

КАБА, Лиман Јаја (Дебар, 1924 – Банова Јаруга, Славонија, април 1945) – народен херој од НОАВМ. Откако завршил основно училиште, по Априлската војна (1941) Лиман Каба учел во Гимназијата во Приштина, каде што дејствувал и на организирањето на антифашистичката младина, поради што двапати бил апсен (1942). Избегал од Приштинскиот затвор и се вратил во Дебар, дејствувајќи како организатор на Народноослободителното движење. Неговата куќа била центар за илегалните партиски состаноци на активистите на КПЈ и токму во нивната куќа Кузман Јосифовски-Питу го формирал Месниот комитет на КПЈ во Дебар. Од економски причини, отишол во Тирана (февруари 1943), каде што ја продолжил антифашистичката дејност, а потоа станал борец на албанскиот Народноослободителен партизански одред „Дајти”. Извесно време со партизанската единица престојувал во Дебарско и на теренот на Пешкопеја. По капитулацијата на Италија (8. IX 1943) пристигнал во слободниот Дебар и бил назначен за заменик политички комесар на чета при Командата на градот, а потоа при формирањето стапил во Четвртата македонска (албанска) НО бригада (26. Ⅷ 1944). Подоцна бил примен за член на КПЈ (1944). Како заменик политички комесар на баталјон на Петнаесеттиот (македонски) корпус на НОВЈ, загинал во борба со четнички сили на Сремскиот фронт. Прогласен е за народен херој на Југославија (8. Ⅹ 1953).