ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА

ВАКЦИНАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА – систем за рутинска вакцинација против одредени заразни болести што се темели на законска регулатива. Во историјатот на спроведувањето на задолжителната имунизација, од 1944 па наваму, бележиме два периода – едниот кампањски начин на вакцинација кој траел до 1960 г., а потоа континуирана вакцинација. Во 1948 г. со Сојузен закон воведено е задолжително вакцинирање со БСЖ вакцина кај сите деца и младинци до 18 години, а од 1950 г. вакцинирање на новороденчињата. Со вакцинација против дифтерија и тетанус се започнало во 1951 г., а во 1960 е воведена вакцинацијата против големата кашлица и детската парализа. Задолжителната вакцинација против ма-лите сипаници е воведена на крајот на 1971, а од 1982 г. уште две вакцини се ставени на листата на задолжителна имунизација – вакцина против заушки и против црвенка (рубеола). По еден долг период од 22 години, во 2004 г. е воведена и задолжителна вакцинација на секое новородено со вакцина против хепатит Б. Ефектите од долгогодишната успешно спроведувана вакцинација во нашата земја (континуирано висок опфат над 90% и 95% за поодделни вакцини) се извонредни и видливи. Во рамките на глобалните заложби на СЗО за ерадикација на детската парализа во 2002 г. Република Македонија (како дел од Европскиот регион) доби сертификат за ерадикација на ова заболување на својата територија. Н. П.-Ј.