СИРМА ВОЈВОДА

СИРМА ВОЈВОДА (Крстева Стрезова) (с. Тресонче, Дебарско, 1776 – на пат од Прилеп за Варош, Прилепско, 1864) – војвода на ајдутска дружина. Според народните песни, откако ги надминала сите 70 свои соборци во ајдутските вештини, била избрана за војвода. Дејствувала како народен заштитник од турските насилници и албанските качаци главно на планините Стогово и Крчин. Поради стапување во брак со бајрактарот на четата Велко Спиров (од Крушево), се повлекла од ајдутскиот живот (1818) и со него живеела во Прилеп. Со неа, како 80-годишна старица, се сретнал и Димитар Миладинов (1856/7). Била убиена од прилепските Турци. Опеана е во неколку народни песни. ЛИТ.: Апостол Поп-Јовановски, Сирма војвода, Скопје, 1970, 4.; Илија Јордановски, Сирма војвода, Скопје, 1980, Иван Чаповски, Сирма војвода, „Културен живот“, бр. 10, Скопје, 1989 и „Нова Македонија“, ЏЏЏВИИ, 12240, Скопје, 19. Ⅱ 1989, 10. С. Мл.