СВЕТИ СПАС , Вишни

СВЕТИ СПАС“, Вишни – пештерна црква, северозападно од Струга во кањонот на Беличка Река, сместена во една голема природна пештера на стрмите падини на планината Јабланица. Тешко достапна, оваа црква своевремено имала дрвена катна конструкција и ѕидан дел во основата што всушност ја затворал пештерата од јужната страна. Природните облици на пештерата се искористени за сликање на фрескоживописот, Богородица „Спилиотиса“ со малиот Христос во издлабената конха под Литургиската служба на архијереите со сликање на Христос Агнец опкружен со херувим и четири ангели ѓакони. Странично од Богородица се насликани св. Петка, св. Текла, св. Недела, св. Марена и светите лекари Кузман и Дамјан. По стилските карактеристики живописот е датиран во почетокот на ⅩⅤ в. ЛИТ.: Цветан Грозданов, Ѕидното сликарство и иконописот во Струшкиот крај, Струга и Струшко, Струга, 1970, 339; Гојко Суботиђ, Охридска сликарска школа од ⅩⅤ век, Охрид, 1980, 24-25. С. Ц.