САСА

САСА – рудник на Пб, Зн руда, кој се наоѓа во југоисточните падини на планината Осогово. Припаѓа кон металогенетската зона Осогово–Бесна Кобила. Рудното наоѓалиште е изградено од прекамбриски и старопалеозојски карпести комплекси претставени со кварцграфитични шкрилци, циполини и циполински шкрилци, кои се најпогодна средина за создавање рудни тела. Главниот тип на оруднувањето е во вид на плочи кои по форма се слоевити и неправилни. Моќноста на рудните тела е од 1 до3 м. Исто така се јавува и оруднување во вид на здробени зони. Рудните резерви се проценети на околу 71.601.838 т руда, минималната економска содржина на Пб е 4,06% а на Зн 3,39%. ЛИТ.: Тодор Серафимовски, и др., Наоѓалишта и појави на олово и цинк во Република Македонија. Посебно издание бр. 4, РГФ, Штип, 1995. Т. Сер.