МЕТАМОРФНИ КАРПИ

МЕТАМОРФНИ КАРПИ – уште се нарекуваат и преобразени карпи, кои настануваат во процесот на метаморфизам, при зголемени притисоци и температури, со преобразба на седиментните или пак на магматските карпи. Ако настануваат со преобразба на седиментните карпи, се нарекуваат параметаморфни карпи, а ако настануваат со преобразба на магматските карпи, се нарекуваат ортометаморфни карпи. Структурите кај метаморфните карпи можат да бидат реликтни или пак сингенетски. Најчести сингенетски структури се: гранобластичната, лепидобластичната и нематобластичната. Текстурата кај метаморфните карпи е најчесто шкрилеста. На основа на тесктурата се издвојуваат шкрилести метаморфни карпи (аргилошисти, филити, шкрилци, микашисти, гнајсеви и др.), и масивни метаморфни карпи (мермери, еклогити, кварцити и др.). На територијата на РМ се широко распространети карпи и се појавуваат во метаморфните серии во сите геотектонски единици (Западно-македонската зона, Пелагонискиот метаморфен комплекс, Вардарската зона и Српско-македонската маса). ЛИТ.: Ристо Стојанов, Блажо Боев, Петрологија на метаморфни карпи, РГФ, Штип, 1999. Бл. Б.