МАДОЛЕВ-СТЕФАН, Георги

МАДОЛЕВ-СТЕФАН, Георги (с. Белица, Разлошко 13. Ⅲ 1916 – Софија) – истакнат македонски револуционер и национален деец од Пиринскиот дел на Македонија. Бил член на Околискиот комитет на БКП (1937), ја одржувал врската меѓу ОК и ЦК на БРП (1941–1942), борец во Беличката партизанска чета „Јаким Цоков“ (од јули 1942), политички комесар на Разлошкиот п.о. „Јане Сандански“ (1943), редактор на партизанскиот весник „Работничко знаме“. Активен за реализирање на националните права на Македонците во Бугарија во рамките на Културната автономија 1944–1948 во Пиринскиот дел на Македонија. По Резолуцијата на ИБ (јули 1948) дошол во судир со новата политика на бугарското партиско и државно раководство за негирање на македонската нација и бил отстранет од политичкиот живот во Пиринскиот крај. ЛИТ.: Георги Мадолев, Парапуновци. (Спомени), София, 1980; Георги Джоджов (Дра-го), За кого пеят мурите, София, 1971; История на благоевградската окрÍжна организация на БКП, София, 1979. В. Јот.