КОРОБАР, Боро Ангелов

КОРОБАР, Боро Ангелов (Велес, 11. Ⅴ 1912 – Скопје, 23. Ⅹ 1989) – стопанственик, припадник на револуционерното движење меѓу двете светски војни. Организатор и учесник на работничките протести и демонстрации во Велес (1935–1941). Член на КПЈ од 1940, секретар на МК на КПЈ за Велес (1941), а во 1942 г. учествува во формирањето на НОПО „Димитар Влахов”. Во мај 1943, поради неговото ангажирање во НОД, бил осуден на 15 години затвор. По Војната извршувал повеќе значајни функции: секретар на МК на КПМ за Велес, член на Контролната комисија за стопанство на Македонија, директор на Проектантското биро на Македонија и директор на ТП „Лафома” во Скопје. Носител на Партизанска споменица 1941 г. ЛИТ.: Велес и Велешко во НОВ 1943–45, Т. Велес, 1977. Ѓ. Малк. Перо А. Коробар КОРОБАР, Перо Ангелов (Велес, 29. Ⅲ 1916 – Скопје, 29. Ⅹ 2004) – национален и политички деец, првоборец, општественик и публицист. Завршил средно техничко училиште. Како член на СКОЈ (1932) и КПЈ (1940), бил осуден на смрт, а потоа помилуван и упатен на издржување на затворска казна во затворот Главњача. Студент во Белград, другарувал со К. Рацин. Како учесник во НОАВМ (од 1941), бил член на МК и Околискиот комитет на КПМ во Велес, а потоа борец во воените единици и член на Агитпроп на Гш на НОВ и ПОМ. По Ослободувањето бил началник на Одделението на Агитпроп на ЦК на КПМ, директор на Државното книгоиздателство на Македонија, на Издавачкото претпријатие „Просветно дело” и на Издавачкото претпријатие „Култура”. Бил деец на македонската културна автономија во Пиринскиот дел на Македонија (до 1948), а по враќањето началник на Одделот за надворешни работи на ЦК на КПМ, управник на Македонскиот народен театар (1949-1957), член на Ревизионата комисија на СКМ, член на Советот на културно-просветните заедници на Југославија, пратеник во сојузниот Културно-просветен собор, потпретседател на Културно-просветната заедница на Македонија, директор на Историскиот музеј на СРМ, основач и три децении главен и одговорен уредник на сп. „Културен живот”, во два мандата член на Советот на Републиката, член на Претседателството на СЗБНОВМ, член на Главниот одбор на ССРНМ и претседател на Комисијата за печат и издавачка дејност. Автор е на повеќе филмски и телевизиски сценарија, цртежи и портрети на Кочо Рацин, Крсте Мисирков, Димитрија Чуповски, Апостол Гусларот и др. Во неговата богата публицистичка дејност главна творечка преокупација му беше поетот и револуционер Кочо Солев-Рацин, негов близок пријател. БИБ.: Пет години Народна Република Македонија, Скопје, 1950; Дваесет години образование, култура и наука, Скопје, 1966; К. Рацин во спомените на современиците, (сеќавања), Скопје, 1972; Во срцето на шпанија, (сеќавања), Скопје, 1975; Рацин, Скопје, 1978; Илинденската прос-лава во Велес 1941 год., Велес и Велешко во НОВ 1941, Титов Велес, 1973, 205–211; Историска вистина (документи), Скопје, 1981 (со коавтор Орде Иваноски); Димче Мирчев, Титов Велес, 1983; Организирањето на ОЗН-а во Велешко, Историски денови на Горно Врановци, Скопје, 1984, 114–117; Ганчо Хаџипанзов, Скопје, 1986; Животописот на Кочо Рацин, Скопје, 1987; Во интернационалните бригади на шпанија (сеќавања), Скопје, 1987 (со коавтор Божо Стефановски); Македонската национална култура во Пиринскиот дел на Македонија, Скопје, 1987 (на англиски јазик) и Скопје, 1988 (на српски јазик); Сеќавања на современиците за Рацин, Скопје, 1987; Рацин во моите сеќавања, Скопје, 1989; Бели мугри-ликовни видувања, Скопје, 1989; Ликовно видување на животот и творештвото на Рацин, Скопје, 2000; Панко Брашнар, Скопје, 2002. С. Мл.