КЕРАМИЈА (Церамиае) – населба до Прилеп од разбиен тип распослана под северните падини на Маркови Кули на платото Заг-рад, која го опфаќа поширокото подрачје од локалитетот Ташачица на југ до локалитетите Калдрма и Попадин Дол на север. Населбата егзистирала низ целиот антички период, за што говорат бројните некрополи распослани на повеќе нејзини страни, како и мноштвото наоди на претежно римски монети, теракоти, ситна бронзена пластика, керамички садови, надгробна и архитектонска мермерна пластика, и др. По Табула Поитингериана географската положба на месноста Заград одговара на локацијата на населбата Керамија (Церамиае), каде што стои како втора станица од патниот правец Стоби – Хераклеја Линкестис. Населбата имала долг век што се потврдува со бројните некрополи, сместени во временските рамки од претхеленистичкиот до доцноантичкиот период. ЛИТ.: Ф. Папазоглу, Македонски градови у римско доба, Скопје, 1957, 223; И. Микулчиќ, Пелагонија у светлости археолошких налаза, Скопје, 1966, 71. К. Кеп. Апостол Керамитчиев