ДРАКУЛ, Симон

ДРАКУЛ, Симон (Лазарополе, 24. IX 1930 – Скопје, 11. Ⅰ 1999) – раскажувач, романсиер, драмски автор, сценарист, историчар, преведувач (Толстој, шолохов и др.). Бил уредник на весници и списанија, директор на Драмата во МНТ и претседател на ДПМ. С. Дракул е раскошен раскажувач чии теми се длабоко поврзани за родниот крај, за неговата историја, бит и исконска живејачка, при што посветува голема грижа на изворната лексика; тој спаѓа во плејадата на т.н. „робустни писатели” (израз на Бл. Конески) и е „добропамтило на Мијачијата”, како што ќе напише Г. Тодоровски. БИБ.: Планините и далечините, раскази, Ск., 1953; Витли во поројот, раскази, Ск., 1956; И ѕвездите паѓаат сами, роман, Ск., 1957; Белата долина, роман, Ск., 1962; Буни, триптих: повест, роман, драма, Ск., 1980; Распаќа, раскази, Ск., 1985; Архимандрит Анатолиј Зографски, Ск., 1988; Или смрт, тетралогија: Глужд, Јас Георги Николов Делчев, Полноќна чета, Кобно место, Ск., 1989; Жедна месечина, роман, Ск., 1997. ЛИТ.: Н. Радичевски: Благороден егзистенцијален пркос, „Современост”, 1998. П. Гил.