ГЕОРГИЕВСКИ, Љубиша

ГЕОРГИЕВСКИ, Љубиша (Битола, 30. Ⅴ 1937) – режисер, сценарист, драмски автор, есеист, теоретичар, унив. професор по режија и актерска игра (ФДУ), гостинпрофесор на факултетите во Лос Анџелес и во Далас (САД), дипломат (амбасадор во НР Бугарија), политичар (претседателски кандидат); претседател на Собранието на РМ. Дипломирал режија на Академијата за театар, филм и ТВ во Белград. Еден од најзначајните македонски режисери. Режирал 160 театарски претстави во сите републики на поранешна Југославија, како и во: Полска, Италија, Романија, САД, Бугарија и во други земји. Режисер е на врвните претстави: „Покојник”, „Отело”, „Хамлет”, „Јулиј Цезар”, „Македонски состојби”, „Црнила”, „Хај-фај”; „Еригон”; „Лет во место”; „Тартиф”; „Р”; „Свадбата на Мара”; операта „Болен Дојчин” и балетот „Македонска повест”. Има режии и на ТВ, како и филмски и тоа: „Под исто небо”; „Планината на гневот”; „Република во пламен”; „Цената на градот”. Автор е на книгите: „Свет и сон”; „Онтологија на театарот”; „Феноменологија на театарот”; „Технологија на судбината”; „Вежби по актерско мајсторство”; „Политичката иднина на Македонија”; „Претседателски кандидат”; драмите „Филоктет” и „Армагедон” и бројни написи како колумнист. Р. Ст.