ГАЈДОВ, Стефан

ГАЈДОВ, Стефан (Велес, 8. Ⅵ 1905 – Охрид, 18. Ⅵ 1992) – композитор, диригент и музички педагог. Средно музичко образование завршува (1929) во Белград. Еден период (1929-1932) предава музика во Гимназијата во Велес и го води хорот „Јека са Вардара”. Потоа работи како професор на Гимназијата во Вуковар (1932-1941), каде ги води училишниот хор и оркестар, како и хорот „Радиша” во Борово. За време на Втората светска војна (1941-1944) ја продолжува дејноста како професор по музика и хорски диригент во Женската гимназија во Скопје. Во повоениот период Г. развива мошне плодна и разновидна творечка дејност. Тој е еден од петтемината основоположници на современиот музички живот во РМ. Работи како професор на Средната музичка школа во Скопје, каде предава теориски предмети и пијано; ги води хоровите: „Владо Тасевски”, „Кочо Рацин”, Хорот на Универзитетот, Хорот на ЈНА во Скопје, Хорот на Радио Скопје и Хорот на просветните работници. Г. е директор на Операта на МНТ (1951/1952), а потоа и директор на Десетгодишното музичко училиште (1955-1970) во Скопје. Тој е и еден од најистакнатите автори на учебници за музичките и општообразовните училишта по предметот нот-но пеење. Неговите збирки со хармонизирани народни песни во предвоениот период („Леле Јано”, „Ејди Недо”, „Гора и јунак” и др.) претставуваат успешни хорски минијатури, во тоа време најзастапени во репертоарите на бројните хорски друштва во Македонија и служат како база за надградба во создавањето на специфичните елементи на домашниот хорски слог. Автор е и на: солистички, камерни, камернооркестарски дела и на филмска музика. Г. е учесник при организирањето на сите професионални музички друштва, претседател и член на нивните управни одбори. Ј. Т.