ВРАТНИЦА

ВРАТНИЦА – село во Тетовско. Се наоѓа во крајниот североисточен дел на Полошката Котлина, во подножјето на шар Планина, од двете страни на регионалниот пат Тетово – Јажинце, на надморска височина од околу 750 м. Во минатото било општински центар, денеска е во состав на општината Јегуновце. Населението е во опаѓање. Во 1961 г. во него живееле 1.384 ж. а во 2002 г. тој број се намалил на 505 ж.: од нив 482 ж. биле Македонци, 20 ж. биле Срби и 3 ж. други. Преселувањето е насочено кон Скопје, а значаен дел и во прекуморските земји. Главно занимање на населението е одгледување на житни култури и овоштарство. Во В. постои осумгодишно училиште, здравствена станица и неколку трговски дуќани. Ал. Ст.