ВИШИ ШКОЛИ ВО РМ

ВИШИ ШКОЛИ ВО Република Македонија – вид високообразовни установи што не постојат во актуелниот образовен систем на РМ, но во минатото одиграле значајна улога во оспособувањето на виши стручни кадри за потребите на стопанството и на општествените дејности. Студирањето во нив траело 2 години (4 семестри). Првата ваква школа во Република Македонија била Вишата педагошка школа (ВПш) во Скопје, основана со уредба на Владата на НРМ (17. IX 1947), како установа на Министерството за просвета, со задача „да оспособува наставници за нижите класови на средните училишта и вишите основни училишта и воспитувачи за домовите и интернатите”. Сè до 1957 г. таа била единствена виша школа во РМ. Во наредните неколку години биле отворени уште три вакви школи: Виша управна школа во Скопје (1957, работи до 1964), Виша стопанска школа во Скопје (1958–1961) и ВПш во Штип (1959). Вишото школство доживува особено интензивен развиток по донесувањето на Законот за основање виши стручни школи (1960), кога за само една учебна година (1960/61) биле отворени 6 вакви школи: Виша школа за социјални работници во Скопје (подоцна интегрирана кон Филозофскиот факултет), виши земјоделски школи во Битола и во Струмица и виши економски школи во Прилеп (во 1972 прераснува во Висока економска школа), во Тетово (престанала во 1962/63) и во Куманово (престанала во 1962/63). Во 1961 г. била отворена Виша техничка школа во Битола, Педагошка академија во Битола (1964), Виша школа за физичка култура во Скопје (1965), во 1970 г. Виша угостителско-туристичка школа во Охрид (сите 4, потоа прераснуваат во факултети). Со Законот за високото школство во НРМ (1961) вишите школи, кои дотогаш работеле надвор од Универзитетот, станале негов составен дел. ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб. Борис Вишински