БАШМАКОВ, Алксандар Александрович

БАШМАКОВ, Алксандар Александрович (Одеса, 1858 – ?, 1943) – руски словенофил, публицист, редактор и издавач на весници (на руски и на француски јазик). Средното образование го завршува во Женева, а Правниот факултет во С.-Петербург и Одеса (1881). Веднаш е испратен на располагање на рускиот претставник во новоослободена Бугарија П. А. Матвеев. Во 1882 г. осум месеци е библиотекар во Пловдив и ја основува Народната библиотека на Источна Румелија. Често ги крстосува Родопските Планини, го опсервира крајот и запишува народни песни. Подоцна ја посетува Македонија и (најчесто под псевдонимот ВеÈий Олегъ) објавува книги, статии и карти со пробугарски тенденции. Како потпретседател и подоцна претседател на Советот на СПБСБД контактира со К. Мисирков (1901 –1903), а на словенските собири и во печатот („Петербургская газета“, 1913) полемизира со Д. Чуповски и со другите Македонци, бра-нејќи го бугарското гледиште по македонското прашање. ЛИТ.: Блаже Ристовски, Димитрија Чуповски (1878–1940) и Македонското научно-литературно другарство во Петроград, И, Скопје, 1978, 291; истиот, Македонски летопис. Раскопки на литературни и национални теми, И, Скопје, 1993, 300–307; истиот, Димитрија Чуповски и македонската национлна свест,Скопје, 1996, 140–145. Бл. Р.