АНТОЛЈАК, Стјепан

АНТОЛЈАК, Стјепан (Добој, 29. Ⅷ 1909 – Загреб, 14. Ⅴ 1997) – историчар, универзитетски професор, член на МАНУ. Завршил историја (1933) и докторирал (1935) на Филозофскиот факултет во Загреб. На истиот факултет работел како асистент (1934– 1941) и како доцент (1941–1946) на Катедрата за национална историја. Бил директор на Државниот архив во Задар (1946–1952), работел како научен соработник на Државниот архив во Риека (1953– 1956), професор на Филозофскиот факултет во Скопје (1956– 1969, 1969–1975 хонорарно), во Приштина (1963–1969) и во Задар (1969–1979). Бил раководител на Одделението за античка и средновековна историја на ИНИ во Скопје (1967–1971). Член на МАНУ надвор од работниот состав (од 1979). На Филозофскиот факултет во Скопје предавал историја на народите на Југославија (среден век) и Помошни историски науки. Дал голем придонес во проучувањето на македонското средновековје (Склавините, богомилството и др.). Посебно внимание посветил на проучувањето на македонската средновековна држава (969–1018) и придонел за расветлување на повеќе прашања во врска со нејзиното создавање и егзистирање. Автор е на голем број монографии, научни и стручни трудови. БИБ.: Избор за историјата на ФНРЈ за среден век, Скопје, 1962; Помошни историски науки, Скопје, 1966; Самуиловата држава, Скопје, 1969; Извори за хисторију народа Југославије, Загреб, 1978; Средновековна Македонија, 1, Скопје, 1985. ЛИТ.: Библиографија радова наставника и сурадника Филозофског факултета у Задру, Посебна изданја, Задар, 1970. К. Аџ.