САМУИЛ

САМУИЛ (? – Преспа, 6. Ⅹ 1014) – комитопул, најмлад син на комесот Никола и Рипсимија, македонски цар (ок. 997–1014). Учествувал во бунтот на комитопулите (969), кога била отфрлена бугарската врховна власт во Западна и Југозападна Македонија и биле поставени темелите на македонската средновековна држава, која по него е именувана како Самуилово Царство. Учествувал и во востанието на комитопулите против византиската власт (976). Од почето

Камената плоча со Самуиловиот натпис (992/3)
Д. Кондовски: Портрет на цар Самуил (1989)
кот владеел заедно со своите браќа Давид, Мојсеј и Арон, а по загинувањето на Давид и Мојсеј владеел заедно со брат му Арон, но по ликвидирањето на Арона, станал единствен владетел во државата (986). Поседувал неисцрпна енергија, високи војнички и државнички способности. Во негово време македонската средновековна држава го достигнала врвот во својот развиток. Водел долга и исцрпувачка војна со византискиот император Василиј Ⅱ (976–1025). Учествувал во сите позначајни битки и походи против Византија и далеку ги проширил границите на државата. Ги обединил под своја власт речиси сите македонски територии (освен Солун), освоил голем дел од Балканскиот Полуостров (Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија и поголем дел од Бугарија). Ги прифатил државно-правните традиции на Бугарското Царство, ликвидирано од Византија (971), и се прогласил за цар, со круна што му ја испратил римскиот папа. Како формалноправен наследник на бугарските цареви, во изворите најчесто се именува како бугарски цар, а неговата држава како Бугарско Царство. Починал во Преспа од срцев удар, потресен од морничавата глетка кога ги видел своите ослепени војници што му ги испратил Василиј Ⅱ. Бил оженет со византиската благородничка Агата од Драч, со која имал четири ќерки и синот Гаврил Радомир. Зачуван е неговиот натпис (992/3), во спомен на родителите и на братот Давид.
ЛИТ.: С. Антолјак, Самуиловата држава, Скопје, 1969; С. Пириватриђ, Самуилова држава, Београд, 1997. К. Аџ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *