МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА

МАКЕДОНСКАТА МУЗИКА.
На почвата на Македонија, од античкиот период и низ столетијата на средниот век, како и во идните историски раздобја, се одигрувале значајни музички настани, релевантни за народите што ја населувале оваа земја, но и за оние од соседните и од подалечните земји. Музичкото минато на Македонија недоволно е истражено и проучено. Тоа особено се однесува за времето на средниот век, кога на македонска почва постоеле истакнати центри на духовната музика, во кои се создадени голем број драгоцени ракописи со византиска и византиско-словенска невматска нотација. Недоволно е реконструирана сликата на музичкиот живот и во вековите на турското владеење, вклучително и онаа од ⅩⅠⅩ в. – времето на македонската национална преродба, како и на децениите меѓу двете светски војни.
Постојат податоци за богатиот музички живот во Македонија и пред доаѓањето на Словените во овие краишта. Во својот културен развиток тие прифатиле и дел од наследството на староседелците во овој дел на Полуостровот, како и елементи од античките племиња што живееле на ова географско подрачје.
Најзначајните настани во средновековниот период се поврзани со создавањето на словенската писменост, воспоставена од свв. Кирил и Методиј, со што се создадени услови за развој и на црковното пеење на словенски јазик, низ дејноста на свв. Климент и Наум Охридски и на многубројните ученици од Климентовата школа. Во Климентовата богата ракописна ризница се наоѓале многу музички ракописи, а самиот Климент полагал големо внимание на црковното пеење во едукацијата на свештенството.

Кирил Македонски, плакат за операта
„Гоце“ (1958)
По пропаѓањето на Самуиловото Царство, охридската црковна институција била симната на ранг на архиепископија. Богослужбата во Охрид и во другите македонски центри се одвивала на грчки јазик, а најголемиот дел на ракописите од Климентовата збирка биле уништени, додека најубавите од нив биле преведени на грчки јазик. Од тој период за науката посебно богатство претставуваат Охридските невматски ракописи, создавани во Ⅺ-ⅩⅣ в. на грчки јазик, од кои најинтересните чекаат подробна музиколошка обработка. Со усното пренесување на традицијата во народното црковно пеење се зачувале и се внесувале елементи на домашниот фолклор, па иако во намален обем, словенската музичка писменост продолжила да се негува во некои манастири на теренот. Меѓу малобројните словенски ракописи од тој период што фрагментарно содржат невматски знаци за пее-ње се издвојуваат Битолскиот триод од ⅩⅠⅠ в. и т.н. Болоњски псалтир од ⅩⅤⅠⅠⅠ в., создаден во охридското село Рамне. Тоа е времето и на најистакнатиот византиски музичар и композитор, реформатор на духовната музика и на невматското писмо, Јован Кукузел, македонски Словен, роден во дебарскиот крај. Неговото обемно дело, според некои истражувања, содржи и елементи на традиционалното народно пеење на македонските Словени.
Следниот период е карактеристичен по дисконтинуитетот што настанал во писменото музичко создавање на словенски јазик. Најзначајната етапа во времето на турското владеење е ⅩⅠⅩ в.. Во епохата на македонската преродба, во црковното пеење доаѓа и до обнова на писмената музичка традиција врз реформираната Хрисантова невматска нотација. Литургискиот чин го збогатуваат со свои напеви низа домашни автори (Калистрат Зографски, Јоан Хармосин Охридски, Димитар Златанов-Градоборски, Наум Миладин и др.). Во тоа време доаѓа и до појавата на т.н. градска песна, под влијание на западноевропската музичка култура и писменост, до првите мелографирани народни песни, хармонизации и творечки обиди. Најистакнатиот автор од крајот на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ
в. е Атанас Бадев (1860-1908), ав-тор на „Златоустова литургија“, обработки на народни теми и др.
Во времето меѓу двете светски војни доаѓа до релативна модернизација на музичкиот живот: се формираат бројни хорски друштва, се одигруваат музичко-сценски изведби и се подобрува музичката настава. Тогаш започнува дејноста и на најстарата генерација современи македонски музичари и композитори, кои ќе ги остварат најзначајните дела во повоениот период на македонската музика. Тој се одвива во услови на сестран непречен културен растеж во Републиката. Непосредно по ослободувањето на Скопје (24. Ⅺ 1944), основан е Симфониски оркестар, кој потоа прераснува во Македонска филхармонија. Во декември и.г. се отвора Средното музичко училиште. Првата оперска претстава, со која е означен почетокот на дејноста на Скопската опера, е изведена на 9. Ⅴ 1947 г. во МНТ. Основоположници на сите професионални институции и на бројни аматерски музички колективи се: Ст. Гајдов (1905–1992), Ж. Фирфов (1906– 1984), Т. Скаловски (1909–2004), Тр. Прокопиев (1909–1979) и П. Богданов-Кочко (1913–1988). На творечки план, тие ја унапредуваат хорската литература, а некои од нив, во текот на следните децении, се зафаќаат и со покрупни вокално-инструментални дела. Покрај нив, во првите творечки и организациски дејности учествуваат и други автори и музички уметници.
Кон средината на педесеттите години од Ⅹ в. доаѓа нова генерација композитори и музички уметници од сите профили, школувани на музичките академии на поранешната држава. Авторите од овој творечки круг отвораат нови стилски насоки и ја збогатуваат македонската музика со голем број камерни, симфониски и музичко-сценски остварувања. Од почетокот на седумдесеттите години на векот почнува и поопстојното музиколошко истражување на музичкото минато, а низа соработници на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ даваат драгоцени прилози во проучувањето на македонскиот музички фолклор. Следните генерации музички автори, школувани на ФМУ во Скопје и во други центри, ги продолжуваат настојувањата на претходниците, обраќајќи се кон фолклорниот идиом низ своевидни варијанти, соодветни на актуелните струења во музичкото творештво. Од средината на ⅩⅩ в. Скопје претставува значајна музичка метропола со богати настани на концертниот подиум и на оперската сцена, каде што настапуваат истакнати домашни инструментални и вокални солисти и диригенти и светски реномирани гостувачки уметници. Во Републиката се одржуваат музички фестивали со меѓународно реноме (Охридско лето, Интерфест во Битола), како и фестивали на забавната, народната и џез-музиката, со познати светски интерпретатори и потврдени автори и групи во сите жанрови и стилски ориентации. Др. О.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *