КУРШУМЛИ-АН

КУРШУМЛИ-АН (Скопје, Стара чаршија, 1549) – споменик на културата. Изграден од Муслихудин Абдул Гани ел Мадини, завештан кон Дуќанџик џамијата, подигната од истиот ктитор. Името Куршумли го добил во ⅩⅠⅩ в. по оловниот покрив (тур. курþун – олово). Има површина од 2.800 м² со 60 простории сместени на два ката. Анот се состои од два дела, поголемиот од кои служел за сместување на трговците и нивните стоки, а во другиот дел се наоѓала штала и други помошни простории. Главниот дел има приближно квадратна форма околу квадратен двор и се состои од приземје и кат. Во просториите се приоѓа од трем во приземјето и од галерија на катот, поврзани со полукружни лаци потпрени на масивни камени столпци. Покриен е со сводни конструкции. Граден е со камен и со тула. Во втората половина од ⅩⅠⅩ в. бил претворен во затвор. Од 1955 г. е отворен лапидариумот на Археолошкиот музеј на Македонија. Во летниот период служи како отворена сцена. По големите оштетувања (во 1963) се извршени пообемни реставраторско-конзерваторски зафати. Во чаршијата се зачувани и Капан-ан и Сули-ан. ЛИТ: Д-р Хасан Калеши, Кој е градител и кога е изграден Куршумли-ан во Скопје?, „Гласник на ИНИ”, бр. 1, Скопје, 1971; Лидија Кумбараџи-Богоевиќ, Османлиски споменици во Скопје, Скопје, 1998; Салих Асим, Историја на Скопје и неговата околина. Превод и коментари д-р Драги Ѓоргиев, Скопје, 2005. Др. Ѓ. и Кр. Т.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *