ЖУПА

ЖУПА – предел во Дебарско. Се простира на западните падини на планината Стогово, почнувајќи од с. Горенци на север, па сè до селата Елевци и Долгаш на југ. Источната граница на пределот води по сртот на планината Стогово, а западната по источниот брег на Дебарското Езеро. Теренот е планинско-долински со езерски површини. Тој е составен од шкрилци и пластови од варовници. Климата е умереноконтинентална. Земјиштето е испресечено со долини и силно се нагласени ерозивните процеси. Жупа се дели на Горна и Долна Жупа. Во неа постојат 18 села, во кои живеат 6.300 ж. (2002 г.). Во минатото голема населба со значајни функции била Коџаџик, а денеска тоа е Центар Жупа, која има 800 ж. и е седиште на Општината. Населението во однос на етничката и верската припадност е со мешан состав. Овде живеат Македонци – православни и исламизирани (Торбеши), потоа Албанци и Турци. Најголемо село населено со Албанци е Баланци, а со Турци Коџаџик. Главно се занимаваат со сточарство, а во поново време масовно заминуваат на работа во странство, и тоа најмногу во Италија. Ал. Ст. Александар Жупан

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *