ГУСЛАРИ ВО МАКЕДОНИЈА

ГУСЛАРИ ВО МАКЕДОНИЈА -. месни или патувачки гуслари, најчесто со телесен хендикеп или оштетен вид. По ослепувањето на македонските воини по Беласичката битка (1014), гусларството било најчесто занимање на луѓето хендикепирани со видот. Слична била состојбата и во подоцнешните векови. Како традиција, во ⅩⅠⅩ в. гусларството било особено застапено во Прилеп. Кон 70-тите години најпознат бил патувачкиот прилепски гуслар Коле Лауцот. Покрај другите места, тој го посетувал и родното село на најпознатиот македонски гуслар Апостол Грозданов Секуловски (с. Облаково, Прилепско, 1876 – Прилеп, 1936). При нивното запознавање токму тој го открил неговиот особен талент и во неговата дванаесетта година слепото момче го прибрал во својата гусларско-просјачка група во Прилеп. Тие заедно патувале по македонските градови и села. Апостол располагал со необично богат репертоар од македонски народни песни. Според народните сведоштва, повеќето од нив биле „машки“ („старовремски“, „старзамански“, „јуначки“), но пеел и „женски“ („љубовни“) песни. Можел да го задоволи вкусот на слушателите во секоја средина каде што ќе се најделе. Само за Марко Крале знаел околу 60 песни. Еден од најдобрите современи гуслари во Источна Македонија беше Николачко Илчов Арсов (с. Ветрен, Кочанско, 1912). Кон 50-тите години на минатиот век од соработниците на Институтот за фолклор во Скопје се снимени голем број гусларски песни во негово исполнение. Како добар играорец, тој беше и демонстратор на голем број народни ора, кинетографирани и објавени од страна на фолклористот Ганчо Пајтонџиев. ЛИТ.: Бранислав Русић, Прилепски гуслар Апостол, Београд, 1940, 1-86; Ганчо Пајтонџиев, Македонски народни ора, Скопје, 1973, 335. Ѓ. М. Ѓ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *