ГРЧКО-ТУРСКА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЈА

ГРЧКО-ТУРСКА КОНВЕНЦИЈА ЗА ЗАДОЛЖИТЕЛНА РАЗМЕНА НА НАСЕЛЕНИЈА (1923). Турција, по победата во Грчко-турската војната (1919-1922), на Мировната конференција во Лозана $ наметнала на Грција конвенција за задолжителна размена на грчкото население од Турција (околу 1,500.000 жители) и на муслиманското население од Грција. Со Конвенцијата (30. Ⅰ 1923) била предвидена задолжителна размена на населенијата (на 1. Ⅴ 1923). Од задолжителната размена се изземале Гр-ците жители во Цариград (од пред 30. Ⅹ 1918) и муслиманското население во Западна Тракија, источно од турско-грчката граница утврдена со Букурешкиот мировен договор. Владата на Грција го гледала својот интерес од размената на населенијата во можноста да го промени демографскиот состав на населението во анектираниот приморски дел од Македонија со присилно иселување, освен на македонското православно и на македонското муслиманско население и колонизирање на грчкото население иселувано од Турција. Обврската за задолжителна размена на населенијата, предвидена со Конвенцијата, била вградена и во Мировниот договор (24. Ⅶ 1923) во Лозана. Турција и Грција во Анкара (25. Ⅵ 1925) потпишале Протокол за примена на Ковенција за размена на населенијата. При спроведувањето на Конвенцијата и на одредбите од Мировниот договор за задолжителна размена на населенијата се појавиле голем број проблеми, затоа во Атина (1. Ⅻ 1926) бил потпишан Договор за ликвидација на недвижните имоти на разменетите населенија во Грција и во Турција, а и Конвенција (10. Ⅵ 1930) за дефинитивно ликвидирање на прашањата во врска со примената на Лозанскиот и на Атинскиот договор за размена на населенијата меѓу Република Грција и Република Турција. Се смета дека од Егејскиот дел од Македонија во Турција биле иселени околу 44 илјади припадници на македонското муслиманско население. ЛИТ.: Македонија во билатералните и мултилатерални договори на балканските држави, И, Скопје, 2000; Стојан Киселиновски и Ирена Ставови-Кавка, Малцинствата на Балканот (ⅩⅩ век), Скопје, 2004. М. Мин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *