ГРЧКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ

ГРЧКО-МАКЕДОНСКИ ВРСКИ И ОДНОСИ. Поновите врски започнуваат со учеството на Македонци во Грчкото востание (1821–1830). По независноста на Грција (1830) се поставени основите на големогрчката политика насочена кон територијата на Македонија. Се отвораат конзулати во Солун и во Битола (1859). Грчките стремежи за територијално проширување за првпат се реализираат во времето на источната криза, кога територијата на Македонија се прогласува за грчка, православните жители за Грци и започнува офанзива за погрчување преку Цариградската патријаршија, грчките училишта, грчките дипломатски претставништва и преку разни здруженија – силогоси. Во времето на источната криза во Атина се формира Комитет за подготовка и кревање востание во Македонија. Леонидас Вулгарис и други македонски дејци, како реакција на свикувањето Европска комисија за подготвување реформи, во согласност со членот 23 од Берлинскиот договор, свикуваат Национално собрание на Македонија (2. Ⅵ 1880), кое носи одлука за формирање Привремена влада на Македонија „Единство”. Илинденското востание од грчката влада се деградира до степен на разбојничка акција насочена против Грците во Македонија. Од 1904 до 1908 г. Грција, користејќи ги добрите односи со Турција, црковно-просветната пропаганда ја надополнува со уште поинтензивно испраќање вооружени чети што вршат пус-тош по македонските села, принудувајќи го населението што ја напуштило Грчката црква пак да се врати под нејзина власт и да се декларира како грчко. Грција ги остварува територијалните аспирации кон Македонија во текот на Балканските војни (1912–13), чии резултати се санкционирани со Мировниот договор во Букурешт (10. Ⅷ 1913). Првата светска војна $ овозможува ново територијално проширување за сметка на Македонија (пред војните има 64.657 км територија и 2.900.000, а по Првата светска војна 120.000 км и 5.100.000 жители). Во 1919 г. Грција и Бугарија склучуваат Договор за „доброволно” иселување на населението од двете држави како основа за принуда врз Македонците од Егејскиот дел на Македонија, најмногу од Кукушко, од Серско и од Драмско. На нивно место колонизира грчко население, со што драстично ја изменува етничката структура. Македонците остануваат мнозинство во Костурско, Леринско и во Воденско, но подложено на национално угнетување, денационализација и асимилација преку забрана за употреба на македонскиот јазик, промена на имињата на реките, езерата, населените места, спроведување мерки на прогон и терор, затворање итн. Меѓународната заедница реагира преку Лигата на народите со притисок за почитување на определени права во сферата на образованието, односно, за создавање буквар на македонски јазик. Меѓу двете светски војни во Егејска Македонија има силно македонско националноослободително движење на страната на антифашистичките сили. Како резултат на Граѓанската војна во 1949 г. доаѓа до масовно иселување на Македонците од Егејскиот дел на Македонија. По распаѓањето на СФРЈ и прогласувањето на независноста на РМ започнуваат сериозни проблеми што ги предизвикува РГ во однос на РМ, официјално, поврзани главно со името на РМ. Во првата половина на деведесеттите години од ⅩⅩ в. Грција презема серија активности на меѓународен план, дури и правно недозволени (економско ембарго кон РМ, на пр., како форма на притисок забранета со Повелбата на ООН), работи на спречување на процесот за пошироко меѓународно признавање на РМ под уставното име, спречување на процесот за зачленување во оние меѓународни организации (вклучително и невладини) во кои постои можност РМ да биде примена под уставното име, врши официјални интервенции во протоколот на работењето и именувањето на меѓународните конференции (на владино и на невладино ниво) со инсистирање сите присутни да $ се обраќаат на РМ под референцата „ПЈРМ” итн. По приемот на РМ во ОН, двете држави, под покровителство на ОН, водат разговори за решавање на спорот околу името. На 13. IX 1995 г. во Њујорк се потпишува Привремената согласност за нормализација на односите помеѓу РМ и РГ, со која се воспоставуваат дипломатски односи на ниво на канцеларии за врски. Грчката канцеларија се отвора на 13. Ⅹ 1995 г. Прв шеф на Канцеларијата е Александрос Маљас. Прв шеф на Канцеларијата за врски на РМ е Љупчо Арсовски. Нормализирањето на политичките односи придонесува за забрзан развој на економските односи, иако спорот околу името с” уште не е решен и преговорите с” уште се водат. РГ не го признава постоењето на македонското малцинство (Уставот признава само религиозни малцинства) под што се подразбира само постоењето на муслиманското малцинство во Тракија (термин со кој се опфатени Турци, Помаци и Роми). Бројот на Македонците во Грција многу тешко може да се определи (дури и приближно), поради низата историски настани што доведуваат до масовен егзодус врз Македонците во Егејскиот дел (според некои поранешни процени од 150.000 до 200.000) и отсуството на какви било официјални податоци. ИЗВ.: Виктор Габер, За македонската дипломатија, Скопје, 2002; Ристо Поплазаров, Грчката политика спрема Македонија во втората половина на ⅩⅠⅩ и почетокот на ⅩⅩ век, Скопје, 1973. Т. Петр.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *