ГРЧКО-БРИТАНСКИ КОНВЕНЦИИ ЗА ВОЕНА ОТШТЕТА НА ГРЦИЈА

ГРЧКО-БРИТАНСКИ КОНВЕНЦИИ ЗА ВОЕНА ОТШТЕТА НА ГРЦИЈА (1925). По барањата од Владата на Грција за надоместок за присуството на британските и на другите сили на Антантата на грчката државна територија на Македонскиот фронт (во приморскиот дел од Македонија) во времето на Првата светска војна на Балканот и во повоениот период, двете влади склучиле две конвенции и еден Дополнителен протокол за надоместување на штетата на Грција (Атина, 30. XI 1925). Со првата Конвенција Владата на Велика Британија $ отпишала на Грција долг во износ од 564.960 фунти, а со втората дополнително уште 685.040 фунти, за целосна и за дефинитивна исплата на заостанатиот грчки долг. ЛИТ.: Македонија во меѓународните договори, 1, 1913–1940, Редакција М. Миноски, Скопје, 2005; Балкански уговорни односи, Ⅱ (1919–1945), Ред. М. Стојковиќ, Београд, 1998. М. Мин.