ГРУПЧЕ, Асен

ГРУПЧЕ, Асен (Софија, 1919 – Скопје, 2003) – универзитетски професор, правник. Основно училиште и гимназија завршил во Охрид и во Битола, а Правен факултет во Софија (1942). Докторирал на Правниот факултет во Белград, на тема „Одговорноста на државата и на другите јавни субјекти за материјалните штети“ (1964). Тој е еден од основачите на Правно-економскиот факултет во Скопје (1951) и основоположник на наставно-научната дисциплина облигационо право на Правниот факултет во Скопје. Бил претседател на Врховниот суд на Македонија (1963), судија на Уставниот суд на Југославија (1963-1971) и претседател на Уставниот суд на Македонија (1974). Напишал поголем број трудови од областа на граѓанското право. Негова основна преокупација се сопственоста и сопственичките односи. БИБ.: Граѓанско право, И и Ⅱ дел, Скопје, 1976. ЛИТ.: Зборник во чест на Асен Групче, Скопје, 2001. Св. ш.