ГОЦЕВИ ДЕНОВИ

ГОЦЕВИ ДЕНОВИ (Делчево, 4. Ⅴ 1965-) – манифестација во чест на идеологот на македонското националноослободително движење Гоце Делчев. За нејзин зародок се смета одбележувањето на неговата смрт во с. Град, Делчевско, и „Гоцевата вечер“ во Делчево (4. Ⅴ 1965). По неколку години започна и манифестацијата „Гоцеви денови“ во с. Подгорци, Струшко (1971), како одбележување на патрониот празник на месното училиште. Следеше организирањето на традиционалната „Песна за Гоце“ од страна на КУД „Гоце Делчев“ во Скопје (4. Ⅱ 1971), која по неколку години, според учесниците, доби републички, а потоа и југословенски карактер (1981), започнувајќи секоја година во друга република. Меѓувремено започна и одржувањето на Пионерските Гоцеви денови во Тетово, а Музејот на град Скопје повремено се приклучуваше кон сите тие манифестации со подвижна изложба за животот и делото на Гоце Делчев. За разрешување на финансиските проблеми со многуте баратели, по барање на Републичката СИЗ за култура, РК на ССРНМ формира Со-вет на манифестацијата „Гоцеви денови“ (по делегатски принцип), со прв претседател акад. Михаило Апостолски (1984). Со усвоениот Статут, Манифестацијата доби заокружена физиономија со традиционални содржини од областа на фолклорот и историјата – симпозиуми, културно-уметнички приредби, историски часови, натпревари по историја, издавачка дејност на тематски зборници од научните собири, сп. „Песна за Гоце – Гоцеви денови“ и др. С. Мл. Трајан Гоцевски

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *