ГОЛЕМОСРПСКА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА

ГОЛЕМОСРПСКА ПРОПАГАНДА ВО МАКЕДОНИЈА (1844-1912). Владата на Кнежевството Србија основала Одделение за пропаганда (1844), именувано „Тајна дејност”. Бил формиран „Одбор за просвета” (1868) за пропагандна дејност во земјите под власта на османлиската држава, задолжен за отворање и дејност на српски училишта. Во времето на војната на Србија со Турција (1876-1878) и по неа српската пропагандна дејност во Македонија била прекината; малкуте српски училишта биле затворени, а српските учители биле протерани. „Одборот за просвета” престанал да работи. По потпишувањето на прелиминарниот Санстефански мировен договор (1878), од европските Големи сили било барано Македонија, претставувана како српска земја, да се присоедини кон Кнежевството Србија. По Берлинскиот конгрес српската пропаганда била ориентирана кон југ, кон Македонија, но не успеала да се позиционира, населението не го разбирало српскиот јазик. Со заострувањето на внатрешната политичка криза стагнирало и пропагандното дејствување. И во времето на војната со Бугарија (во есента на 1886) пропагандата дејност привремено престанала. Било основано Друштвото „Св. Сава” (1886) во кое влегле сите големосрпски експо-Дел на билото Јакупица нирани професори, научни работници и други агитатори. Српската пропаганда останала неприфатена и имала привремен карактер. Биле отпечатени буквар (1888) и читанка во Цариград, Српски календар „Вардар”, а потоа „Голуб”, со употреба на македонскиот јазик, наменети за пропагандната дејност во Македонија. Агитаторите на Друштвото „Св. Сава” презеле агресивна јавна пропаганда, па отоманските власти им забраниле да дејствуваат. Раководењето со пропагандата го презело Министерство за надворешни работи преку Политичкопросветниот оддел. Српските конзули во Македонија (1890-1892) организирале основање на првите српски црковни општини. Србин (архимандритот Фирмилијан) бил поставен за администратор на Скопската митрополија (1897). Потоа започнал оружен судир со бугарската пропаганда (1897). Србија формирала вооружена четничка организација (наречена „Народна одбрана”) за дејствување во Македонија (1904), која со насилства и со тероризирање го присилувала населението да декларира српска народносна припадност. По Младотурската револуција и по воспоставувањето парламентарен систем во османлиската држава (1908), четничката организација се трансформирала во легална српска политичка организација под името Српска демократска лига. Организацијата барала признавање на српска народност во Македонија. Пред крајот на 1909 г. Србија ја запрела пропагандата во Солунскиот вилает, пропагадните институции биле повлечени и концентрирани во Битолскиот и во Скопскиот вилает, и со тоа ја омеѓила територијата на која претендирала. Потоа дејствувала реактивираната четничка организација. ЛИТ.: Д-р Климент Џамбазовски, Културно-општествените врски на Македонците со Србија во текот на ⅩⅠⅩ век, Скопје, 1960; Манол Пандевски, Српската пропагандно-политичка организација, во: Политичките партии и организации во Македонија (1908–1912), Скопје, 1965. М. Мин.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *