ГЛАВНИ МЕТЕОРОЛОШКИ СТАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА

ГЛАВНИ МЕТЕОРОЛОШКИ СТАНИЦИ ВО МАКЕДОНИЈА. – Според одредени критериуми во 1979 г., во Македонија имало: 8 главни метеоролошки станици, 2 меѓународни метеоролошки станици, 28 климатолошки (обични метеоролошки станици), 35 фенолошки станици (една меѓународна фенолошка градина), 15 агрометеоролошки и 260 дождомерни станици. Исто така, имало 4 радарски центри за идентификација на градоносните облаци и за раководење со дејствувањето на лансирните станици при заштита од градобијност и 228 лансирни станици за исфрлување ракети во градоносните облаци. Бројот на главните метеоролошки станици од година во година се менува. Денес, во набљудувачкиот метеоролошки систем на Македонија се користат 14 главни метеоролошки станици, 18 климатолошки, една аеролошка – Петровец, 166 дождомерни и 24 фенолошки станици. За потребите на модификацијата на времето и за радарски мониторинг се користат три главни и три помошни радарски метеоролошки центри и 98 активни противградобијни станици. Националната мониторинг мрежа е подеднакво распространета низ целата земја. ЛИТ.: Коле Јордановски, Развиток на хидрометеоролошката служба во СР Македонија, „Хидрометеоролошки гласник”, Скопје, 1979; Пеце Ристевски, Развој на истражувањата на времето и климата во СР Македонија, „Хидрометеоролошки гласник”, Скопје, 1983; „Метеоревија”, Скопје, 1998; „Годишен преглед”, Управа за хидрометеоролошки работи, 2005. М. З. ГЛАВНИ УЧИЛИШТА – вид световни училишта што давале повисоко образование, познати уште и под името „класовни” (класни), односно „прогимназијални училишта”. Претставувале вид на нижи средни училишта. Првите вакви училишта во Македонија се јавиле во почетокот на ⅩⅠⅩ в. и биле грчки училишта со настава на грчки јазик. Првите македонски училишта, со настава на народен јазик, биле отворени околу средината на ⅩⅠⅩ в. За прво вакво училиште се смета училиштето што го отворил српскиот учител Јован Нешковиќ во Велес во 1857 г. (в. Велешка гимназија). Се состоеле од два, три или четири класа, во зависност од условите и можностите да се најдат главни учители. Не постоеле единствен наставен план и програма. Во нив учеле ученици што претходно имале завршено основно, односно заемно училиште. Одиграле значајна улога во подигнувањето на образовното ниво на населението. ЛИТ.: Р. Кантарџиев, Македонското преродбенско училиште, Скопје, 1985. К. Камб.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *