ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА

ГИМНАЗИСКО ОБРАЗОВАНИЕ ВО МАКЕДОНИЈА -. значаен дел во структурата на средното образование. Почетоците датираат од ⅩⅠⅩ в., но интензивен развиток во овој дел од Македонија доживува меѓу двете светски војни, а особено по Ослободувањето. Во Кралството на СХС / Кралството Југославија гимназиското образование во Македонија најголем развиток достигнува во учебната 1926/27 г., кога работеле 15 гимназии, од кои 9 полни и 6 нижи. Полни гимназии постоеле во Скопје (како полна гимназија работи од 1918/19), Битола (1918/19), Штип (1920/21), Велес (1921/22), Куманово, Охрид, Прилеп (сите од 1922/23), Скопје (женска, 1925/26) и Тетово (1926/27), а нижи во Ресен, Гевгелија, Кавадарци, Струмица, Дебар и Кичево. Поради рестриктивни мерки, главно политички мотивирани, во 1929 г. некои од полните гимназии биле сведени на нижи, а некои од нижите биле укинати. Гимназиското образование го посетувале и го завршувале, главно, деца на поимотните семејства или деца на дојденците од други делови на Кралството. За време на бугарската окупација на Македонија, Министерството за просвета на Бугарија отворило (1941–1942) 10 полни реални гимназии и 7 неполни гимназии, наречени гимназиски клонови: 2 машки и 1 женска гимназија во Скопје; по една мешана гимназија во Битола, Ох-рид, Прилеп, Куманово, Штип, Велес и Струмица; гимназиски клонови имало во Берово, Кочани, Кратово, Крива Паланка, Радовиш, Гевгелија, Кавадарци и Ресен и 2 трговски гимназии – во Скопје и во Битола. Во Скопската училишна област, во полните и неполните гимназии (1941–1942) биле запишани 2.135 ученици, а во Битолската – 1.032, од кои 111 биле од Егејскиот дел на Македонија. Наставата се изведувала на бугарски јазик, според наставните планови и програми што се применувале во образовниот систем во Бугарија. По Ослободувањето, со решение на Президиумот на АСНОМ (3. XI 1944), гимназии се отворени во Скопје, Битола, Штип, Куманово, Прилеп, Струмица, Тетово, Велес, Охрид, а малку подоцна и во Кавадарци. Во учебната 1949/50 г. веќе работеле 31 гимназиска установа (12 полни), со вкупно 20.524 ученици. Гимназијата, како и пред војната, работи како општообразовно училиште, со исклучителна функција да ги подготвува младите за продолжување на образованието на високошколските установи, задржувајќи ја својата привилегирана положба во однос на другите средни училишта. По школската реформа од 1958 г. гимназиското образование бележи уште поинтензивен развиток. Во учебната 1974/75 г. во Македонија работеле 39 гимназии, со 756 паралелки и 23.767 ученици, што во однос на вкупниот број средношколци изнесувало 37,65%. Со реформата на воспитанието и образованието од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, со која се воведува насочено образование, гимназијата како посебен вид училиште е укината, односно трансформирана во центар за насочено образование. Од учебната 1991/92 г. одново се воведува гимназиското образование. Во учебната 2004/05 г. од вкупно 91 државни средни училишта, гимназиско образование се реализира во 41 училишна установа, од кои 12 во Скопје, а бројот на опфатените ученици во однос на вкупниот број ученици во средното образование изнесувал над една третина (34%). ЛИТ.: К. Камберски, Од буквар до универзитет, Скопје, 1994. К. Камб.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *