ГЕНАДИЕВ, Иван

ГЕНАДИЕВ, Иван (Јоан Хармосин Охридски), (Охрид, 1829 – Пловдив, 1890) – музички и книжевен деец, автор на црковни напеви и псалтикиски зборници. Основно училиште завршил во родниот град, а средно во Битола и во Цариград. Како студент на Филозофскиот факултет во Атина, се прочул со својата музикалност и убав глас. Истовремено биле забележани и неговите литературни творби на грчки јазик. Издал комедија во стихови (1859), а заедно со Гр. Прличев го редактирал списанието „Сфингс”. По враќањето во татковината, живеел во манастирот „Св. Јован Бигорски” и во „Св. Пречиста”. Од неговите зборници со црковни творби, најзначајна е книгата „Пасхалија” (1860), печатена во печатницата Иван Генадиев, портрет од Петар Попчев „Македонија” во Цариград. Зборникот се состои од: велигденски напеви на црковнословенски јазик (преведени од него од грчки јазик), творби од постари певци во Македонија, и осум лични творби на авторот. За својот најуспешен напев од овие творби, Г. вели: „Во Достојно ест се слуша месниот напев на горна Македонија, саканата татковина наша.” Еден од првите преродбенски дејци што дале голем придонес за обновувањето на нашата писмена музичка традиција. ЛИТ.: С. Голабовски, Животот и делото на Јован Хармосин-Охридски, „Македонска музика”, бр. 2, Скопје, 1979; Јоан Хармосин Охридски, Пасхалија. Транскрипција и воведен текст Ј. Коџабашија, Скопје, 1999. Др. О. ГЕНАДИЕВ, Никола Иванов