ГАЛИЧНИК

ГАЛИЧНИК – село во Мијачкиот крај. Се наоѓа на западните падини на планината Бистра на надморска висина од околу 1.400 м. Со Маврово е поврзано преку локален асфалтен пат. Во минатото Г. било голема населба и административен центар. Се смета дека е формирано од сточарите доселени од реката Галик во Солунската Котлина, кои доаѓале со стадата овци на летно пасење на Бистра. Првобитната населба би-ла на локалитетот Старо Село. Населението отсекогаш се занимавало со номадско сточарење – со стадата овци зимувале во Егејското приморје, а лете престојувале на високопланинските пасишта на Бистра. Во 1911 г. во Г. имало 800 куќи со околу 4.000 ж. Меѓутоа, во втората половина на минатиот век, селото е зафатено од силна миграција, така што кон крајот на векот тоа е целосно раселено. Денес куќите во Галичник во значаен дел се обновени и тоа прераснало во туристичка населба. Старата селска архитектура е зачувана, а богато колоритната народна носија и атрактивните свадбени обичаи манифестирани преку Галичката свадба, која традиционално се одржува на 12 јули, секоја година привлекуваат голем број туристи. Во Г. постои и меморијален музеј, сместен во куќата каде што се родил и живеел познатиот македонски преродбеник Ѓорѓи Пулевски, а за гостите е изграден и современ хотел. ЛИТ.: Р. Смиљанић, Галичник. Јужна Србија, бр. 17, Скопље, 1922. Ал. Ст.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *