ГАВРИЛ СВЕТОГОРЕЦ

ГАВРИЛ СВЕТОГОРЕЦ (световно име: Мијалче Парнаџиев) (Штип, 10. Ⅲ 1926 г. – Лесновски манастир, 12. Ⅰ 1990) – завршил гимназија во Штип, Факултет за ликовни уметности во Белград (1955) и Богословски факултет во Скопје. Бил професор по уметност во Штип. Од 1963 г. престојувал на Света Гора Атонска, каде што се здобил со големо аскетско искуство. По враќањето во Македонија престојувал во повеќе манастири. Во декември 1975 г. бил назначен за игумен на Лесновскиот манастир; на 28 август 1989 г. бил хиротонисан со титула Епископ Велички. Познат како редок испосник и подвижник, со епитет „ангел во тело”, но и како автор на повеќе поетски и прозни творби, пишувани на духовни теми, меѓу кои: „Стихозбирка“ (1975); „Света Гора – небесна земја“ (1978); „Пред најголемиот јубилеј на човекот“ (1980); „Правила и одредби на Православната црква за постот“ (1994); „Отец Херувим“ (1997). МПЦ презема мерки за негово канонизирање за светител. Ј. Так.