ГАВРИЛ ¶

ГАВРИЛ ¶ – (Јанина, ⅩⅤⅠ в.) – охридски архиепископ (1572–1588; 1592–1593). Учествувал на црковните собори во Цариград на кои биле осудени новиот Грегоријански календар (20. Ⅹ 1582) и патријархот Пахомиј Патест (Ⅱ 1585). Бил еден од првите охридски поглавари што патувале во Европа со политички цели: барал материјална помош, но сакал и да ги поттикне европските држави за војна против османската држава. Престојувал во Русија и во западна Европа. Во Русија отпатувал во придружба на пелагониско-прилепскиот митрополит Еремиј, гребенскиот митрополит Софрониј, со повеќе архимандрити, архиѓакони и 13 слуги. Престојот се совпаднал со чинот кога Московската митрополија прераснала (1593) во патријаршија и се стекнала со автокефалност. Во врска со тоа и престојот во Русија (1582–1587), Московската патријаршија му дала материјална помош на архиепископот Гаврил како на поглавар на автокефална помесна црква. За опустошениот манастир „Св. Маченица Параскева“ во с. Велгошти, Охридско, кој се наоѓал во „Македонија до албанските земји“, рускиот цар Теодор Иванович му дал 60.000 аспри парична помош. Од Русија заминал за Полска (1586). Бил примен од полскиот крал Стефан Батори. Оттука заминал за Австрија (1587). Во Прага се задржал летото 1588 г., кога заминал за Германија, а потоа во Рим бил примен од папата Сикст В. На овие патувања архиепископот добил парична, но не и политичка помош. ЛИТ.: М. Миноски, Врските на охридскиот архиепископ Гаврил со Австрија, „Гласник на ИНИ“, ⅩⅤⅠⅠ, 3, Скопје, 1973; Ј. Белчовски, Хронолошки список на поглаварите на Охридската архиепископија (патријаршија), „Годишен зборник на Богословскиот факултет ’Св. Климент Охридски’“, кн. 8, Скопје, 2002. Ал. Тр.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *