ВУКМИРОВИЌ, Никола

ВУКМИРОВИЌ, Никола (с. Метеризи, Риека кај Цетиње, Црна Гора, 5. Ⅴ 1872 – Пеќ, Косово, 21. Ⅷ 1966) – учесник во македонското националноослободителното движење и носител на Илинденска споменица на НРМ, татко на народниот херој од НОАВЈ Боро Вукмировиќ. Како печалбар работел на изградбата на Коринтскиот Канал, во Романија и во Бугарија, каде што активно се вклучил во ТМОРО и зел учество во Илинденското востание на Пирин Планина. По Востанието со чета на ТМОРО дејствувал во Неврокопско и Серско и во крвава борба со многу жртви бил ранет и заробен (с. Фраштани, Серско, 13. Ⅳ 1904), а потоа осуден од османлиските власти. Казната ја издржувал во неколку османлиски зандани и во солунското Једи Куле. По Младотурската револуција (1908) бил амнестиран, па се вратил во Бугарија и оформил семејство. Подоцна со семејството се преселил во Пеќ (1918). Бил активен учесник во НОАВЈ со тројца загинати синови. Носител е и на Партизанска споменица 1941. ЛИТ. Д-р Ѓуро Батриќевиќ, По револуционерната патека на славните претци. Никола Вукмировиќ – илинденец, „Нова Македонија“, 25-30. Ⅱ 1983. С. Мл. Роко Вуковиќ

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *