ВИЗАНТИСКА ЕСТЕТИКА

ВИЗАНТИСКА ЕСТЕТИКА – подрачје во рамките на историјата на естетиката што ги опфаќа истражувањата на убавото, возвишеното, светлината, сликата, симболот, знакот, зборот, канонот и на уметноста во раздобјето на византиската култура и цивилизација. Византиската естетика го следи развојот на византиската култура и цивилизација во контекст на една посебна држава од Ⅳ в. (основањето на Византија), па сè до ⅩⅤ в. (па-дот на Константинопол и на Византија во 1453 г.), активно развивајќи ја христијанската идеологија којашто се потпира врз многу идеи на античката култура и естетика. Византиската естетика, иако најмногу се надоврзува врз идеите на стоичарите, раните христијани, гностичарите и неоплатоновците, сепак, во основата ги следи идеите на христијанското морално и духовно воспитување што стануваат решителен фактор на византиското уметничко творештво. Во византиската естетика, според Виктор Бичков, можеме да разликуваме повеќе правци со свои специфики и со многувековни истории, меѓу кои најзначајни се: патристичката естетика (со главни претставници: Атанасиј Александриски, Григориј Ниски, Василиј Велики, Јован Златоуст и Псевдо-Дионисиј Ареопагит), естетиката под влијание на антиката (патријархот Фотиј, Михаил Псел), уметничко-научната естетика (естетиката на екфрасисот), интериорната естетика (естетиката на аскетизмот и на монаштвото), култната, односно литургиската естетика, обичајната естетика, како и естетиката на фолклорот. ЛИТ.: Г. Матхењ, Бѕзантине Аестхетицс, Лондон, 1963; В.В. Бичков, Византийска Ìстетика, Москва, 1977; И.К. Заров, Византиската естетика и средновековниот живопис во Македонија од XI и Ⅻ век, Скопје, 2003. Ив. Ⅹ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *