ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ

ВЕВЧАНСКИ КАРНЕВАЛ – обичаи под маски што се изведуваат на Василица (14/1 јануари). Со тие маскирања се испраќа старата и се дочекува новата (православна) година. Целта е да се обезбеди среќа и плодородие во претстојната година. Празнувањата траат два дена (13 и 14 јануари) и се посветени на св. Василиј Велики. Учесниците во обичајот се маскирани со традиционални или актуелни маски. За традиционални се сметаат зетот и невестата, Глупавиот Август, ѓаволите, попот и музикантите. Со актуелните маски пак се исмеваат одредени современи состојби. До почнувањето на празнувањето маските се чуваат во тајност, а ликовите под маските до крајот на карневалот. Традиционално се маскираат Василичари од Вевчанскиот карневал само машки лица. На 13 јануари маскираните во групи доаѓаат на средселото, каде што се одржува свеченоста. Василичарите се организирани во две групи, од Горна и Долна Маала. По собирањето на средсело групите одат по домовите каде што пеат и играат на лицата со име Васил и со тоа им го честитаат именденот, за што добиваат дарови. Ноќта по полноќ одат на изворите. По молитвата на свештеникот, жените полнат вода од изворите и со неа се попрскуваат просториите во домот и се меси кашаник (тури-потпечи) во кој се става пара. При јадењето, оној што ќе ја најде парата, се смета дека ќе биде среќен во наредната година. Во 1993 г. овој карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови. До 1996 г. Вевчани беше седиште на оваа асоцијација. Вевчанските василичари со свои маски и програма учествуваат и на други карневали во светот. ЛИТ.: Илија Калановски, Вевчански карневал, Вевчани, 2001; Анастас ќушковски, Светилиштата во Вевчани, Струга, 2002. М. Кит.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *