ВАТАШКИ МАСАКР

ВАТАШКИ МАСАКР (16. Ⅵ 1943) – стрелање на дванаесет ваташки младинци од бугарската фашистичка војска и полиција. Поради формирањето (Вишешница, 14. Ⅴ 1943) и дејноста на Тиквешкиот партизански одред „Добри Даскалов”, во Кавадарци и с. Ваташа пристигнал бугарскиот областен директор Димитар Раев и ја презел Јунската непријателска офанзива (7-16. Ⅵ 1943), која, по над 60 стрелани селани, завршила со злосторството врз ваташките младинци во месноста Моклиште, кои тој ден требало да заминат партизани. По полноќната блокада на селото и градот Кавадарци, со поставени митралези на стратегиските точки, започнало апсење и крвничко иследување, а потоа на патот кон стрелиштето биле спроведени: Перо Илов Видев (15 години), Ванчо Тасев Ѓурев (19), Данко Глигоров Давков (18), Илија (Илчо) Д. Димов (18), Ристо Трипов Ѓондев (18), Блаже Димев Ицев (20), Герасим Лазов Матаков (18), Пане Методиев Мешков (18), Ферчо Глигоров Попѓорѓиев (26), Васил (Васо) Хаџијорданов (28), Диме Блажев Чекоров (20) и Пане Методиев Џунов (18). Со нив биле и четирите младинки од селото – блиски роднини на некои од нив: Стева Ампова, Ката Ицева (Чемерска), Павлина Мелова (Касапинова) и Невена Хаџијорданова, но тие биле поштедени. ЛИТ.: Ацо шопов, Дванаесетмината од сончевата колона на младоста, Централен комитет на Народната младина на Македонија, Скопје, 1961; Раде Гогов, Дванаесетмината од Ваташа, НИК „Наша книга”, Скопје, 1974; Јован Павловски, Судењата како последен пораз, Центар за информирање и издавачка дејност „По-лог”, Тетово, 1977; истиот, Кажувања, Тетово, 1979; Тиквешијата во НОБ. Зборник на паднатите борци и жртви на фашизмот од Кавадарско, Кавадарци, с.а.; Христо Петрески, Дванаесет горостаси, „Млад борец”, Скопје, 1983, С. Мл.