БОРБАТА НА БУКОВИК

БОРБАТА НА БУКОВИК (Планински превој Буковик, Кичевско, 1. Ⅹ 1943) – нерамна борба помеѓу надмоќните германски и балистички сили, предводени од германски офицери, и Младинската чета на Кичевскиот НО баталјон „Мирче Ацев“ за одбрана на слободното Кичево. Одбранбените позиции на четата биле нападнати од многупатно побројни балистички сили на Џемо Хасани, кон кои се приклучиле и балистите на Мефаил шеху, претходно ставени под командата на Гш на НОВ и ПОМ. Борбата започнала утрината и траела речиси четири часа. Извршувајќи ја наредбата на Гш на НОВ и ПОМ да нема отстапување, најголемиот дел од опколените борци на четата загинале, на чело со својот политички комесар, народниот херој Мирко Милевски-Урош и седумнаесетгодишниот командир на четата Лазар Лазаревски-Гоце. Непријателските фашистички сили имале околу 20 загинати и поголем број ранети. ИЗВ.: Кичево и Кичевско во НОВ 1941– 1945. Документи. Избор и редакција: В. Јотевски, д-р С. Младеновски и Ѓ. Чакарјаневски, Кичево, 1985, 203–204. ЛИТ.: Слободата беше нивниот идеал. Зборник на паднатите борци во НОВ и на жртвите на фашистичкиот терор од Кичево и Кичевско, Кичево, 1982, 26. С. Мл.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *