БОНИТИРАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО

БОНИТИРАЊЕ НА ЗЕМЈИШТЕТО – оценување на степенот на производствената способност (продуктивност) на одделни земјишни единици за земјоделско и шумарско производство во одделни територијални единици. Според Упатството за начинот на бонитирањето на земјиштето (Републичка геодетска управа на РМ, 1991), земјиштето погодно за земјоделско и за шумарско производство се распоредува во осум бонитетни класи и на соодветни износи во поткласи. За првата, втората, третата и четвртата класа се утврдуваат по три бонитетни поткласи, за петтата, шестата и седмата класа се утврдуваат по две, додека осмата класа не се дели на поткласи. Во другите бонитетни класи и поткласи спаѓаат земјишта со многу понеповолни природни потенцијали за земјоделско производство. За успешно спроведување на бонитирањето на земјиштето во РМ придонесоа поопсежните научни, стручни и оперативни подготовки. Посебно значење имаат научноистражувачките зафати за определување на огледните земјишта во одделни бонитетни класи и поткласи, кои во организација на Републичката геодетска управа ги спроведоа наставно-научни работници од Земјоделскиот факултет, Земјоделскиот институт и шумарскиот факултет во Скопје. Овие истражувања, како и многу други пред тоа, ја илустрираат големата разновидност на земјишниот покривач на РМ. Р. Л.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *