БЛАГОСЛОВИ

БЛАГОСЛОВИ -. кратки жанрови на усното народно творештво, според формата блиски до пословиците, а според пораката и желбите што ги содржат се доближуваат до здравиците и баењата. Со верувањето во магичната моќ на зборот, како и клетвите, тие претставуваат магиски формули. Но, за разлика од клетвите што со-држат зла коб, желба да се случи несреќа, благословите се движат во спротивна насока – ја содржат желбата да се случи нешто убаво. Тие се генетски сврзани со семејните и календарните обреди и потекнуваат од времињата кога човекот верувал дека со одредени магиски формули може да се насочува човековата судбина во позитивна насока. Како апелативен жанр, најчесто се придружник на обредите и обичаите. Благословувањето може да биде сведено само на неколку збора во силно згуснат исказ, иако често претставува реторички украсена и поет-ски развиена формула. Вон системот на апелативните жанрови е само потенцијално обликувана книжевна форма и неговата жанровски нестабилна положба придонела да добие и именувања како молитва и здравица. При канењето на свадба се изрекуваат благослови од типот: Да благословиш да дојдеш на слава! Канетиот реплицира: Бог да те благослови, среќна свадба да ти е! При слава домаќинот наздравува и благословува: Господ здравје нека дава, бериќет во поле, машки деца во куќа! Има благословувања при градење куќа, при вршење земјоделските работи итн. Кога се засејува, на нивата се забодува вретено во ораното и се вели: Како што е вретено полно, така да се полни бериќет (да се мота жито!). ЛИТ.: Марко Китевски, За некои кратки говорни народни умотворби од Кумановско, Прилози за македонскиот фолклор, Скопје, 1989; истиот, На клетва лек нема, Скопје, 1991; Боне Величковски, Кратките жанрови и детскиот фолклор во Куманово и Кумановско, Фолклорот и етнологијата во Куманово и Кумановско, Скопје – Куманово, 255-289. Б. В.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *