БЛАГОРОДНИШТВО во Македонија

БЛАГОРОДНИШТВО во Македонија (ⅩⅣ-ⅩⅤⅠ в.) – по османлиското освојување старата христијанска благородничка класа во Македонија успеала во еден извесен период да се задржи во градовите. Во ⅩⅤ в. во Скопје живеел властелинот Тошник, чија жена Милица во 1497 г. го обновила манастирот Матка. Во 1466 г. во изворите се споменуваат „болјарите на местото Кратово”, а во истото место живееле кнежевските семејства Боичиќеви и Пепиќеви. Болјари како општествен слој во кој влегувале највлијателните христијани постоел и во Охрид во ⅩⅤ в. Во април 1448 г. со посебна султанска наредба на Радинос од Костур му била дадена на уживање црквата „Захарија”, а пак манастирот „Свети Никола” во самиот град Струмица во 1573 г. како семеен вакаф му припаѓал на попот Добре. Во поситното македонско благородништво влегувале и христијаните – спахии, кои претставувале остаток од старата предосманлиска воена класа. Тие биле вклучени во османлискиот воен систем и активно учествувале во воените походи на империјата. Бројот на овие претставници на старото крупно и ситно благородништво во Македонија со текот на времето постепено се намалувал и веќе кон крајот на ⅩⅤⅠ в. наполно исчезнале. ЛИТ.: А. Стојановски, Градовите во Македонија од крајот на ⅩⅣ до ⅩⅤⅠⅠ век. Демографски проучувања, Скопје 1981; Кон прашањето за христијаните спахии во Македонија, ГИНИ, ИВ, 1–2, Скопје, 1960, 304-316; Б. Цветкова, Новѕе даннѕе о христианах-спахиях на Балканском полуострове в период турцкого господства, „Византијскиј временник”, ⅩⅠⅠⅠ, Москва, 1958. Др. Ѓ.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *