БЛАГОЕВ, Спиридон

БЛАГОЕВ, Спиридон (с. Пателе, Леринско, Егејскиот дел на Македонија, РГр, 7. Ⅱ 1926 – Скопје, 2009) – правник и историчар. Завршил шестгодишно училиште во родното село на грчки јазик (1938), а подоцна се вработил во државно претпријатие (1940). По германската окупација на Грција (1941) станал активист на ОКНЕ и на ЕПОН, а потоа и член на Секретаријатот на селската младинска организација ЕПОН (почетокот на 1942) и член на КПГ (мај 1942). Откако бил испратен на партиска работа во Соровичкиот реонски комитет на КПГ (првата половина на 1943), наскоро станал професионален револуционер (од летото 1943 до крајот на Втората светска војна). Во времето на Граѓанската војна во Грција стапил во редовите на ДАГ (летото на 1946) во штабот на Вичо и бил политички комесар на вод, командир на чета во баталјонот на Пандо шиперков, помошник на баталјонскиот политички комесар и одговорен за Македонците во баталјонот (1946-1947). Потоа се вклучил во 107-та бригада на ДАГ, учествувајќи во сите нејзини борби и војната ја завршил во чин поручник (почетокот на 1948 – октомври 1949). Наредните три децении ги минал во Ташкент (СССР) на разни раководни производствени дејности. Во меѓувреме дипломирал на Факултетот по механика (специјалност технологија, 1951-1955), а подоцна дипломирал и на Правниот факултет на Ташкентскиот универзитет „В. И. Ленин“ (1960-1966). Извесно време работел како помлад научен соработник во Институтот за филозофија и право на Академијата на науките на Узбекистан (1972-1978) каде што и ја одбранил кандидатската дисертација „Правната положба на субјектите во составот на Социјалистичка Федеративна Република Југославија“ (1979), со што го добил звањето кандидат на правните науки. По враќањето во Скопје (1979) се вработува во ИНИ како научен соработник до пензионирањето (1980-1989). Автор е на поголем број статии за Македонците во Егејскиот дел на Македонија и има значаен придонес во архивските истражувања во СССР за современата историја на Македонија. ЛИТ.: Реферат за избор на научен соработник во Институтот за национална историја во Скопје, „Билтен“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, бр. 346, Скопје, 1. IX 1980, 19-21; 50 години Институт за национална историја 1948-1998, Скопје, 1998, 193-194. С. Мл.