БАХЧЕВАНЏИЕВ, Славчо

БАХЧЕВАНЏИЕВ, Славчо (Охрид, 23. Ⅷ 1928 – Скопје, 14. Ⅲ 2004) – физичар, ред. проф. (1971) на ПМФ. Дипломирал (1951) на Филозофскиот факултет во Скопје на Групата за физика. Докторирал (1960) на ПМФ со темата „За особините на зонските мрежички”. Специјализирал во Винча, Загреб и Париз за детекција на неутрони, спектрална анализа и физичка оптика. Оформил лаборатории за холографија и оптика на тенки филмови. Работел и на расејување на светлината во раствори, интерферометрија и Моаре фигури. Во 1969 г. на ПМФ го организира почетокот на постдипломските студии по Физичка оптика. Тој е ментор на 3 докторски и 5 магистерски работи и активен во креирањето на политиката во образованието и науката, и во стимулирањето на младите за творештво. Тој е иницијатор на школата „Млади физичари” и на списанието „Импулс“. Коавтор е на првиот средношколски учебник по физика од македонски автори (1963, со О. Печијаре). Бил проректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (1968–71) и декан на Факултетот за физика (1979–81). ЛИТ.: Природно-математички факултетСкопје 1946–1996, Скопје, 1996, стр. 154; 60 години Природно-математички факултетСкопје, Скопје, 2006, стр. 163164. В. Ур.