БАДНИК

БАДНИК – ден спроти големиот празник Рождество Христово – Божик. Особено богати обичаи се изведуваат вечерта спроти Божик, кога се извршуваат последните подготовки за празникот. За него е карактеристична богатата трпеза со исклучиво посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде Дедо Боже и ќе се нахрани. Софрата се става врз слама за спомен на јаслите од Витлеемската пештера во која е роден Исус. Подоцна со оваа слама се врзуваат овошните дрвја, со верување дека таа ќе ги штити од болести и штетници и дека ќе дадат богат род. Во повеќе региони на Македонија на овој ден се меси кравајче, пита или погача во која се става сребрена пара и со неа се прогнозира среќата на сите членови на семејството. (Во некои краишта истиот обичај се изведува на Василица.) Богати обичаи и верувања се поврзани со обредниот оган, како и со горењето на дрвото (даб, смрека, дива круша и сл.) наречено бадник или бадникојца. Во врска со обредните огнови е и обичајот коледица, кога децата палат оган, пеат коледарски песни и одат по домовите каде што добиваат дарови. Во коледарските песни се слави раѓањето на новото (младото) сонце, се најавува раѓањето на малиот Бог, но и доаѓањето на големиот христијански празник – Божик. ЛИТ.: Сборникъ отъ български народни умотворения, частÝ трета, отделъ Ⅰ.и Ⅱ, Български обичаи, обряди, суеверия и костÓми, книга Ⅶ. Сљбралљ и издава К. А. шапкаревљ, Софиџ, 1891; Српски народни обичаји у Ѓевѓелиској кази. Прикупио и описао Стефан Тановић, учитељ, Београд, 1927; Вера Кличкова, Божиќни обичаи во Скопската Котлина, „Гласник на Етнолошкиот музеј”, 1, Скопје, 1960; Наум Целакоски, Дебарца. Обреди и обредни песни, Скопје 1984; Блаже Ристовски, Македонскиот фолклор и националната свест, И и Ⅱ, Скопје, 1987. М. Кит.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *