БАДЕВ, Атанас

БАДЕВ, Атанас (Прилеп, 14. Ⅰ 1860 – ќустендил, 21. IX 1908) – композитор и музички педагог. Основно училиште завршува во родниот град. школувањето го продложува во Солун, потоа во Бугарија, каде што матурира со одличен успех во Ⅰ.машка гимназија во Софија. Во летниот одмор (1879) формира црковно-училиштен хор во родниот град. По желба на семејството, две години студира физика и математика во Одеса. По враќањето од Русија, се вработува како учител во Солун, цврсто решен да студира музика, откако ќе собере средства за таа цел. Во текот на вториот престој во Русија, за две години го завршува Московското синодално училиште, продолжувајќи ги студиите во Придворната пејачка капела на Санкт Петербург, под грижата на видни професори (М. Балакирјев, Н. Римски-Корсаков). По завршените студии, Б. станува наставник по музика во Солунската гимназија, каде што воспитува бројни идни музички дејци во повеќе градови во Македонија. По бунтот на учениците од Солунската гимназија (1896), Б. е преместен во Русе, потоа во Самоков и во ќустендил. За време на престојот во Русе ја оформува својата „Златоустова литургија”, отпечатена во Лајпциг (1898) – едно од професионално најиздржаните дела меѓу композициите од овој род во јужнословенските земји кон крајот на ⅩⅠⅩ век. Настапува со свој реферат на Ⅱ конгрес на Музичкиот сојуз во Софија (1904), каде што за прв пат се поставуваат основните елементи на теоријата за мешаносложените тактови. Трудот не е печатен, како и неговата збирка хармонизирани народни песни, чии ракописи до денес не се пронајдени. ЛИТ.: Л. Витанова-Сталева, Атанас Бадев, Известия на Института за музика при БАН, кн. Ⅱ-Ⅲ, София, 1956; Д. Ортаков, „Атанас Бадев и неговата Златоустова литургија”, Огледи за византиско-словенската музика во Македонија, Скопје, 2001. Др. О.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *